Британската полиција соопшти дека две лица, 66 годишен маж, идентификуван од два извора блиски до истрагата како Сергеј Скрипал и 33 годишна жена, биле пронајдени во несвесна состојба на клупа во Салсбери во јужна Англија.
Тие наводно биле изложени на непозната супстанца. И двајцата биле во критична состојба и се наоѓале во интензивна нега.
Помошник шефот на полицијата во Вилтшир Крејг Холден наведе дека се отворени сите опции во врска со случајот.
„Ова не е прогласено за противтерористички инцидент и ние ќе ги поттикнеме луѓето да не шпекулираат. Сепак, морам да истакнам дека задржуваме отворени опции и продолжуваме да ја разгледуваме оваа позиција“.
Џејми Пејн очевидец кој го открил Скрипал вели дека ги повикал надлежните за итни ситуации откако другите на местото на настанот не можеле да добијат врска на нивните мобилни телефони. Тој изјави дека мажот и жената биле полупарализирани и повраќале.
„И тогаш мажот почна да повраќа. Беше чудно, тоа не беше како кога некој нормално повраќа. Не можеше да се види визуелно, како, грлото да не се движеше, само излегуваше од устата, а потоа и жената: таа беше целосно бледа. Човекот почна да бледне, но мојата пријателка не сакаше да гледа повеќе, па заминавме“.
Скрипал, кој некогаш беше полковник во руската воена разузнавачка служба ГРУ, беше осуден за предавство на Русија во 2006 година, но беше разменет како дел од размената на шпиони во стилот на Студената војна во 2010 година на аеродромот во Виена.
Односите меѓу Британија и Русија се затегнати по убиството на поранешниот агент на КГБ, Александар Литвиненко, со радиоактивен полониум-210 во Лондон во 2006 година.
За ова убиство британската истрага смета дека веројатно било одобрено од претседателот Владимир Путин. Кремљ постојано негира каква било вмешаност во убиството.
Полицијата затвори еден ресторан во Сaлсбери во врска со инцидентот, објавија некои британски медиуми. Сеуште не е јасно каква е врската.