Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре за напладне го закажа продолжението на 32-та седница на која на дневен ред се и амандманите за Законот за употреба на јазиците за кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 35.000 амандмани.
Засега нема информации дали пратениците утре ќе расправаат за амандманите и како ќе се надмине оваа ситуација која може да предизвика блокада на Парламентот или тие ќе бидат прескокнати и ќе се расправа за другите точки од дневниот ред на оваа седница, јави МИА.
Доколку дојде до некаква расправа по оваа точка би можело да се очекува на седницата да учествуваат и пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои најавија присуство за амандманите.
На дневен ред на 32. седница, меѓу другите, се и измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини и на Законот за земјоделско земјиште, двата по скратена постапка чии прелагачи се пратеници од владејачкото мнозинство. Пратениците треба да ги донесат и измените на законите за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица и на пратеници, со кои се намалува надоместокот за патни трошоци на пратениците и други именувани избраи лица, а треба да се гласа и за финансиски планови за 2018, предлог-одлуки и годишни извештаи.
За утре е закажано и продолжение на 11. седница која има заостанато една точка на дневниот ред и тоа измени на Законот за заштита од пушење