Францускиот претседател Емануел Макрон го повика својот руски колега, Владимир Путин, да обезбеди Сирија да ja прифати "без каква било двосмисленост" резолуцијата на ОН, во која се повикува на 30-дневен прекин на огнот, објави француското претседателство. Канцеларијата на Макрон соопшти дека тој го повикал Путин за време на денешниот телефонски разговор , еден ден откако Белата куќа упати критики кон Русија за поддршка на владата на претседателот Башар ал Асад во седумгодишната граѓанска војна во Сирија. До ова доаѓа и откако Асад вети дека ќе продолжи со воената офанзива врз енклавата источна Гаута, во која, според активисти загинаа повеќе од 600 цивили од 18-ти февруари. Околу 393.000 луѓе се заробени во опкружената област само на исток од главниот град Дамаск. Денеска камионите со итни потребни резерви влегоа во Гаута, што е прва помош која стигна до енклавата по неколку недели.
За време на неговиот телефонски разговор со Путин, Макрон "истакнал дека хуманитарните конвои мора да стигнат до сите популации кои имаат потреба од помош непречено и без понатамошно одложување", обајви Елисејската палата.