Мехмети: „Без наслов“ провоцира и тера на размислување

Уметницата Шќипе Мехмети, за диптихот „Без наслов“, е добитничка на Гран-при на 17 Зимски салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Делото е инспирирано од случка во Париз, а наградата и обезбедува двомесечен студијски престој во ателјето „Citѐ des Arts“ токму во француската метропола.

„Наградата Гран-при се доделува за професионалната изведба и смелиот пристап во ликовната тема блискост на човечки средби. Во најдобрата традиција на преиспитување, кршење и надминување табуа, уште од зрелиот модернизам, налик на ликовните фигуративни остварувања на Макс Бекман, награденото дело на Шкипе Мехмети, изработено во класична графичка техника на длабок печат, ни носи спектрален момент предизвикан од надминувањето на границите.

ДЛУМ-овата награда за ова графичко дело, јасно говори дека класичната изработка се наметнува со својот современ пристап и свежина, паралелно со остварувањата на ликовните дела во новите медиуми и технологии кои во современата уметност денес сѐ повеќе привлекуваат внимание“.

Ова ќе го напише во своето образложение Никола Шуица, селектор на 17-тиот Зимски салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

А, Шќипе Мехмети уметницата која со своето дело „Без наслов“ беше одбрана за победник на оваа меѓународна ликовна манифестација знае да каже дека со многу емоции ја примила веста за наградата. Таа дополнува дека низ годиниве наназад редовно учествувала на Зимскиот салон, но дека овојпат најмалку верувала дека е блиску до признанието. Токму и затоа и не била присутна на отворањето на изложбата и на свечената церемонија. Едноставно, сметала дека во тој момент поплодотворно за неа ќе биде присуството на ликовната колонија во Дојран посветена на жените бегалки од Исток што поминуваа низ Македонија.

„Ова досега ми е најдрага и најважна награда бидејќи кураторот, во случајов господинот Шуица, доаѓа од странство и генерално не не знае кој сме и што сме. Тој го гледа само делото. Нема политики, нема интересире, нема друго. Значи, го оценува само она што е пред него – делото и идејата што стои пред него. Тоа мене ми е битниот момент. Тоа е она што ме радува, вели Мехмети.

Таа дополнува дека признанието нејзе ја мотивира како творец. Посебно да учествува на вака посериозни проекти, селективни изложби, бидејќи притоа некој го вреднува нејзиниот труд. Нејзината имагинација и изведба.

„При ваков тип на изложби важно е да влезеш во селекција. Јас со моите графики учествувам на различни конкурси по Европа и во светот. Ги следам графичките биеналиња или триеналиња и секогаш се радувам кога ќе ми пратат порака дека моето дело влего во потесниот круг за изложбата. Тоа ме мотивира и ме поттикнува да работам повеќе. Посмело да влегувам во потрагите“.

Инаку, наградата Гран-при, која ја овозможува Министерството за култура, обезбедува двомесечен престој во ателјето „Citѐ des Arts“ во Париз, Франција.

„Знам од прилика како изгледа престојот таму бидејќи бев во 2007 година. Таму буквално има уметници од целиот свет. Се надевам дека ќе имам можност да соработувам и да се спријателам со некои од нив. Дури мислам дека постои можност да направам и изложба. Таму има многу атељеа, посебни за графика, за длабок печат, за литографија...и би сакала да работам. Тие графики што ќе ги создадам во Париз да се најдат пред ликовната публика. Прерано е да се каже, но убедена сум дека секако ќе биде позитивно тоа мое одење таму“, смета уметницата.

Интересно е и тоа што инспирацијата за „Без наслов“ Мехмети ја добила токму во Париз. Вели дека сега излезе „како да е се* поврзано“. Дополнува дека во графиката претставила двајца мажи кадешто се бакнуваат, со тоа што на средина го поделила делото. Направила диптих со идеја да го каже својот став околу табуата во конзервативна средина како нашава.

„Кога престојував во Париз прв пат видов како двајца мажи се бакнуваат во јавен простор. И темата така се погоди, како ни влијае физичкиот простор, спектралните места...и тоа влегува во тие рамки. Кога дојде време за размисла какво дело да направам, да понудам за Зимски салон, со што да аплицирам...не се двоумев многу. Мислам дека за нашето поднебје, за нашиот менталитет „Без наслов“ некако провоцира и тера на размислување, на преиспитување на ставовите околу реалноста“.

А, кога сме веќе околу нејзиниот ангажман како жена, уметница и кај заложбите за рушење на табуата толку евидентни на нејзината самостојна изложба „Фрагилност“ од крајот на октомври минатата година одржана во Мала станица, Шќипе Мехмети истакнува дека нејзе не и недостига храброст и дека ќе продолжи да работи на општествено-социјални, горливи теми посебно овде кај нас. Во тој контекст се навраќа и на неодамнешната колонија одржана во Дојран кадешто, како што ќе рече, имала прилика да дознае многу значајни нешта за бегалците воопшто, оние од Исток и другите овде од нашата сегашност и реалност, посебно за жените бегалки.

„Темата беше многу интересна и за мене беше многу важна бидејќи веќе размислувам што понатака. Можам цел проект да направам од таквите сознанија. Цела серија на графики и цртежи на таа тема. Колонијата беше многу успешна иако навистина кратко траеше – само два дена“.