Главниот британски полицаец во борбата против тероризмот лондонскиот помошник комесар Марк Роули изјави дека полицијата спречила четири терористички заговори од страна на екстремистите од десницата во изминатата година.
Според него, оваа закана е посериозна и поголема отколку што може да сфати јавноста.
„Овие четири случаи навистина ги илустрираат видните предизвици со кои се соочуваме, а тоа е затоа што сега постои организиран десничарски терористички елемент“.
Британија беше главна цел за домашните и странските исламистички милитанти по нападите во 2001 година во САД.
Роули вели дека до пред две години, екстремно десничарската активност била ограничена.
„Се разбира, секогаш сме имале десничарски групи кои организираат протести и криминал од омраза и извесни злосторства, а повремено во минатото имавме и осамени актери кои извршуваа десничарски терористички напади“.
Лани во Британија имаше пет напади од страна на милитанти, вклучувајќи го и оној што го изврши еден човек кој со комбе удри во верници пред една џамија во Лондон.
Претходната година, осамен неонацист ја уби пратеничката Џо Кокс една недела пред референдумот за излез од Европската унија.
Разузнавачката агенција МИ5 сега е вклучена во истражувањето на екстремната десница и предупреди дека британските групи бараат врски со меѓународните екстремисти.
Како илустрација за застрашувачкиот степен на заканата со која се соочува Британија, Роули посочува дека во моментов има 600 истраги за тероризам кои вклучуваат повеќе од 3.000 осомничени лица.
Во текот на последните три години, апсењата на тероризам се зголемија двојно, а во истиот период околу 2.000 луѓе беа упатени на владината програма за превенција и спречување на радикализација.