Рударски компании: рударството користи помалку штетни материи од други индустрии

Илустрација.

Хајка и тенденциозен притисок врз рударскиот сектор се врши во изминатиот период, наведоа денеска менаџерските тимови во најголемите рудници во Македонија оценувајќи ги предложените измени во Законот за минерални суровини, поднесен од пратеничката Лилјана Поповска, како паушален и за нејзина лична промоција.

Оттаму наведуваат дека во рударството има многу повисоки стандарди отколку во кој и да било друг сектор и дека постојат механизми за контрола, така што според нив не постои опасност по животите на граѓаните.

Тие уверуваат дека во рударството се користат цијаниди и сулфурна киселина во многу помали количини отколку во некои други индустрии, како на пример фармацијата или винарската индустрија.

Тие исто така велат дека економскиот развој не може да се темели на претпоставки дека ќе се случи еколошка катастрофа и оти со самото тоа што се прикажуваат рудниците како главни загадувачи на животната средина се испраќа лоша порака и до нивните странски партнери.