Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека опозициската партија нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име ниту, пак, дека ќе поддржи недостоинствено решение за спорот со името. Доколку дојде до взаемно прифатливо решение, тоа според Мицкоски, треба да биде ставено на референдум. Тој во интервју за ТВ24 додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде ничие алиби за неуспех, ниту пак ќе биде апологет, безусловен, на некое решение кое ќе биде спротивно на интересите на Република Македонија. Мицкоски не одговори дали неговата партија ќе даде поддршка доколку има прифатливо решение кое треба да се гласа во Собранието. „Кога ќе дојде тој момент ВМРО-ДПМНЕ ќе се произнесе“, рече тој.