Претседателот на Косово, Хашим Тачи изјави дека Србија само губи време во блокирањето на неговата земја, бидејќи косовската независност е неповратен процес.Тој им порача на властите во Белград да не се занимаваат со Косово, туку да се посветат на своите проблеми. Тачи во интервју за телевизијата Н1 повтори дека очекува 2018-тата да биде година на „историски договор“ меѓу Приштина и Белград.
„Тој договор ќе доведе до целосна нормализација на нашите односи и воедно и до помирување на нашите народи. Мирот меѓу Косово и Србија значи мир за Западниот Балкан. Мирот е и порака за европеизација на целиот простор на кој живееме. Се надевам дека тоа ќе биде договор според европските стандарди и модели“, додаде Тачи.
Според него, ЕУ, со поддршка на САД, сега мора да преземе активна, динамична и водечка улога во дијалогот меѓу Белград и Приштина.