Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за грчката телевизија Алфа изјави дека за решение за спорот за името треба да се најде географска или територијална придавка. Негова желба, како што истакна, е името да биде непреведно, на словенски јазик, а таков пример се Нова Македонија, Вардар Македонија и Горна Македонија.
Доколку тој би бил кум на земјата, посочува, немало да сака да биде вклучено името Македонија. Но, додава дека „за жал веќе 25 години, Грција официјално користи сложено име за соседната земја“.
Според него, во Виена имало речиси 12-часовни континуирани преговори, но сѐ уште не постои договор за ниту една точка. Шефот на грчката дипломатија, откри дека првиот дел на нацрт спогодбата што Атина ќе му ја предложи на Скопје е подготвен, а на средината од месецов ќе биде доставена до македонската страна.
Документот ќе биде околу 20 страници, а според Коѕијас се однесува на името и нанеговата употреба, односно идентитет, националност и јазик, а потоа и другите прашања како што се трговските имиња, акронимите и кратенките. Тој повторно рече дека Грција бара името да биде и за внатрешна употреба, и во билатералните односи со другите земји и за меѓународна употреба.