Големата порота на САД обвини 13 Руси и руски компании, вклучувајќи ја и т.н. "Руска фабрика за тролови", за мешање во американските избори и за уште неколку други слични дела.
Обвиненијата, објавени денес од канцеларијата на специјалниот советник Роберт Милер, се најзначајните кривични наводи што до сега се објавени во продлабочената истрага на Милер за руските активности во Соединетите држави. Во судскиот документ, објавен од канцеларијата на Милер, поротата вели дека овие Руси и руски компании почнале да се мешаат во политичките процеси на САД уште во 2014 година.
Во документот се наведува дека некои од обвинетите се изјаснувале како "лица од САД" и потоа комуницирале со поединци поврзани со изборната кампања на претседателот Доналд Трамп.
Меѓу обвинетите е и Евгениј Пригожин, човек познат како "готвачот" на рускиот претседател Владимир Путин.