Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, денеска во Софија во присуство на премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов го потпишаа Протоколот за размена на ратификациските документи, со што и официјално во сила стапи Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.
“Имаме шанса со исправена глава да чекориме напред. Мислам дека со овој пример, во кој за неколку месеци успеавме еден ваков пресврт да направиме, даваме на некој начин и надеж и храброст дека Балканот е Европа. И се надеваме дека оваа позитивна енергија ќе ги зарази и другите прашања коишто се уште не се затворени”, рече по потпишувањето Димитров.
Министерката Захариева истакна дека резултатите од овој договор се видливи уште пред да стапи во сила. Со него, истакна таа, покажавме дека сами можеме да ги решаваме проблемите.
“Резултатите од договорот се видливи - раст на стоковата размена од 11 и на туризмот од 10 проценти”, изјави министерката Захариева.
Ваквиот позитивен пример, смета и премиерот Борисов, треба да го следат сите на Балканот.
“Ако Скопје и Атина бидат храбри, а нашите пријатели Ципрас, Мицотакис и Заев најдат заедничко решение за спорот за името во наредните месеци нештата ќе се развиваат во насока многу добра за сите. Ние сега можеме да стискаме палци за да се реши спорот. Бугарија ќе биде само конструктивна”, рече Борисов.
Договорот беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право. Со ова практично завршува формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во македонското Собрание на 15 јануари и на бугарскиот Парламент три дена подоцна. Договорот е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете МНР и претставува наградба на договорот потпишан во 1990 година. Димитров од денеска престојува во работна посета на Софија, каде освен со Захариева се се сретна и со претседателот на Бугарија, Румен Радев и премиерот Бојко Борисов. Тој од утре ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.