Три точки поблиску за името, Краток директорски век, Нетанјаху работел за земјата а не за цигари...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев беше на закројување на лозјата по повод празникот Свети Труфун. Од Тиквешијата тој изјави: Од првичните седум појдовни позиции во преговарачкиот процес, приближување во ставовите има во три од нив. Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои таму се спомнуваа, рече Заев. Тој останува на ставот дека нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки, а доколку се најде решение граѓаните ќе го имаат последниот збор, преку референдум.

МАКЕДОНИЈА - Додека да се донесат медиумските реформи, стариот Програмски совет на МРТВ, го реизбра стариот директор Марјан Цветковски на чело на јавниот сервис. Владата вели - векот ќе му биде краток.

МАКЕДОНИЈА - Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот Траекторија во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

ТУРЦИЈА - Турските власти во југоисточниот округ Дијарбакир воведоа полициски час поради спроведување на масовна антитерористичка операција, соопштија локалните власти. Забрана за излегување на улиците стапи на сила во 8 часот по локално време во 71 село и 105 ненаселени територии. Според соопштението, во тие области е можно да се наоѓаат високи членови на сепаратистичката организација Курдска работничка партија (ПКК).

КОСОВО - Деца си играат околу фигура на бројот 10, која е поставена во Приштина како дел од одбележувањето на 10-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово. Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека очекува Косово годинава да постигне историска спогодба со Србија која не би морала да значи признавање на независноста, но која на Приштина ќе и овозможи место во Обединетите нации.

САД - Десетина руски наемни војници биле убиени во американски воздушен напад во Сирија, објавија некои руски медиуми. Новинската агенција Асошитед прес оцени дека тоа би можело дополнително да ги зголеми тензиите меѓу Русија и САД. Овој инцидент би можел да претставува непријатност за двете земји ако се покаже за точно дека руски наемни војници биле дел од единицата која нападнала американски војници.

ИЗРАЕЛ - Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави дека цел свој живот работел за Израел и најави дека ќе остане на таа функција и покрај тоа што израелската полиција препорача против него да биде покренато обвинување за два случаја на корупција.