На повторното судење за случајот Монструм новиот јавен обвинител во овој случај Наум Пановски го повтори обвинението за тероризам и за помагање тероризам. Но во него го немаше делот за обвинетиот Сами Љута, па одбраната побара одложување на судењето. Нов судија во процесот е Огнен Ставрев, тој побара обвинителот да ги спои двете обвиненија. За Љута подоцна беше поднесено обвинение за разлика од другите обвинети, оти тој и подоцна беше уапсен. Со првичната пресуда тој беше осуден на доживотен затвор.
Обвинителство - Петте луѓе биле свирепо убиени
Според обвинетелот, обвинетите пред убиството на пет луѓе во 2012 кај Смилковското Езеро, го разгледувале теренот и запишувале кој, кога доаѓа и кога заминува, а и од која националност се луѓето. Читајќи го обвинението, тој рече дека петте луѓе биле убиени на свиреп начин, со умисла, а кон нив било пукано со автоматски пушки кон повеќе предели од телото.
Одбрана - СЈО има надлежност за овој случај
Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, по одложувањето на рочиштето рече дека се надѕира дека овој предмет ќе биде транспарентен, а судењето ќе биде фер и коректно. Тој вели дека повеќе од една година и СЈО води истрага за случајот.
„Ние како одбрана сметаме дека СЈО ќе се инволвира во овој кривичен предмет, бидејќи постојат разговори и надлежноста е дефинитивно на Специјалното јавно обвинителство. Можеби и тоа е причината што јавното обвинителство од одделот за организиран криминал денеска и не го истакна второто обвинение“, рече Рауфи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И од семејствата на обвинетите, очекуваат до следното рочиште да биде вклучено и СЈО во процесот.
Следното рочиште е закажано за 15 март, кога треба да започне испитувањето на обвинетите.
Врховен го врати судењето на почеток
На крајот на ноември минатата година Врховниот суд го врати случајот на почеток, а обвинетите за петкаратното убиство кај Смилковско Езеро, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири се бранат од слобода.
Тогаш јавната обвинителка Лилјана Спасовска побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот на повторно одлучување, поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.
Првообвинетите во случајот Монструм, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се недостапни за Судот, па за нив и сега, како и во претходнито процес ќе се води судење во отсуство. Тие се во бегство во Косово и по нив има меѓународна потерница.
Според претходната пресудата, директни извршители на петкратното убиство биле браќата Агим и Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, додека Хаки Азири бил задолжен за транспортот, а задачата на Сами Љута била бирањето на локацијата и давање логистика, а Фејзие Азири го организирал бегството на браќата. Во пресудата е наведено дека осудените, кривичното дело тероризам го планирале подолго време и дека со него сакале да предизвикаат страв и несигурност кај населението. Во обвинението се наведува дека Смилковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот.
Кај Смилковското Езеро на 12 ти април 2012 та година пред христијанскиот празник Велигден, беа убиени четири момчиња, Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во судницата на повторното судење немаше присутни од семејствата на убиените.
Незадоволството од текот на претходното судењето и од висината на изречените затворски казни пред неколку години се прелеа на улиците, па роднини и пријатели на осудените со денови протестираа пред Основниот суд Скопје 1, а некои од демонстрантите, поради насилство, завршија в затвор.