Дијалогот меѓу Македонија и Русија го карактеризираат одржливото партнерство и повеќевековно пријателство меѓу нашите два народи, изјави рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак кој денеска престојува во Битола по повод обележувањето на руската дипломатија во Светот.
Тој истакна дека Русија сака натамошно сеопфатно унапредување, како што рече, на сестринската и заемно корисната работа со македонските пријатели.
„Подготвени сме да се движиме по тој пат толку далеку колку што е подготвена Македонија“, рече Шчербак посочувајќи дека во 24-годишните дипломатски односи меѓу двете земји не е забележана ниту една вмешаност од страна на руската Амбасада во Македонија, ниту на руската надворешна политика во внатрешните работи на Скопје.
Тој рече дека сака да потсети оти Русија се залага за сеопфатен развој на соработката со Република Македонија во сите сфери: политиката, економијата, културата, хуманитарната сфера, рече Шчербак.