Европскиот Парламент денеска го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето, но конечната одлука треба да ја донесе Европската комисија (ЕК) од која европратениците побараа да го поддржи ваквиот предлог. ЕК досега се залагаше за задржување на сезонското сметање на времето.
Европратеникот Шон Кели од Ирска побара ЕК да излезе со препорака да се стави крај на менувањето на времето два пати годишно. Околу 70 пратеници од Европскиот Парламент на крајот на октомври минатата година се заложија за укинување на директивата на Европската комисија за менување на времето, барање кое беше покренато поради се поголемиот број докази за негативното влијание од таквата пракса.
Чешкиот пратеник Павел Свобода во октомври истакна дека според научните истражувања 20 проценти од популацијата страда од здравствени проблеми поради менување на часовникот, дека тоа има негативно влијание врз човековиот биоритам, дека доведува до зголемен број на сообраќајни несреќи и пад на продуктивноста на работното место.
Во Македонија, како дел од СФРЈ, летното сметање на времето се користи од 1983 година, а од 1996 година е регулирано со Закон за сметање на времето.