Фактот дека преговараме за решение со сложено име, со придавки или дополнувања, покажува дека има двоумења, емотивен набој но и волја да одиме напред, изјави министерската за одбрана, Радмила Шекеринска, во емисија на грчката телевизија „Скај“. Таа изрази верување дека кај нас постои консензус во однос на потребата за решение.
„Кога веќе преговараме, ако мораме да прифатиме одредено повлекување по однос на ова прашање, тоа ќе биде едногласно. Зошто? Затоа што мораме да бидеме доследни на нашите изјави. За спорот имаат преговарано и левичарска и конзервативна влада. И двете влади – и конзервативната и социјалдемократската – во одредени моменти имаа прифатено компромисни решенија: Република Македонија – Скопје во 2008 година беше прифатенo како име од страна на конзервативната влада. Ние исто така сме согласни на компромис. Затоа, верувам дека, генерално, постои консензус за прашањето за потребата од компромис“, изјави Шекеринска за грчката телевизија.
Во истата емисија лидерот на ДУИ, Али Ахмети вели дека новата Влада е реформаторска и оти постои вистинска волја да се затвори 25-годишниот проблем меѓу Скопје и Атина.
„Во моментот ние сме земја без име, имаме само грубо име, а тоа е ПЈРМ. Во пракса, сега преку овие преговори се обидуваме конечно да добиеме редовно име“, вели во изјавата лидерот на ДУИ.
На прашање дали би поддржал одредени промени во Уставот доколку е потребно, Ахмети изјави дека владејачкото мнозинство е подготвено зашто постои цврста решеност за интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ.