Фармацевтски скандал ја потресува Грција

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грчки политичари во центар на фармацевтски скандал

Грчкиот парламент ги објави имињата на двајца поранешни премиери меѓу кои и Андонис Самарас и осум екс министри, вклучувајќи го и гувернерот на Централната банка Јанис Стурнарас и еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос. Тие, како што јавуваат новинските агенции, биле вмешани во голем фармацевтски скандал.

Швајцарскиот фармацевтски гигант „Новартис“, според истрагата, од 2006 до 2015 година ги подмитувал грчките функционери со цел во грчките болници да биде зголемен бројот на рецепети на негови лекови.

Истрага се води и против директорот на огранокот на „Новартис“ во Грција на кој му е забрането да ја напушти земјата.

„Ова е голем скандал кој го запрепасти грчкото општество“, изјави портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос.

Според грчкиот закон, пред подигнување обвинение против политичари, пратениците го разгледуваат таквото обвинување и врз основа на тоа гласаат за укинување на нивниот имунитет.

На листата на осомничените, освен Андонис Самарас, е и шефот на привремената влада во 2012 година Панајотис Пикраменос.

Тие ги отфрлија обвинувањата, а конзервативецот Самарас најави дека ќе го тужи сегашниот премиер Алексис Ципрас бидејќи смета дека овој случај бил, како што наведува: „безочен политички мотивиран заговор, а истовремено и најсмешен досега“.

Во април минатата година, грчкиот парламент со гласање отвори истрага за наводните скандали во здарвството.

Владејачката левичарска Сириза тврди дека пораншените социјалистички и конзервативни влади со децении во замена за мито им допуштале на медицински компании меѓу кои и „Новартис“ да ги држат високи цените на лековите и опремата за болниците.

Швајцарската фирма соопшти дека соработува со грчките власти.

Оваа фирма во Соединетите Држави е казнета со 390 милиони долари, исто така поради обид за подмитување заради зголемување на продажбата на нејзините лекови.

Во март минатата година „Новартис“ плати 25 милиони долари како спогодбено решение за да се затвори сличен случај и во Кина.