„Очекуваме од Скопје, конечно да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните“. Ова го изјави грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во интервју за Eуроњуз на грчки јазик. „Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува“, вели шефот на грчката дипломатија. Во однос на одредницата и сложеното име, Коѕијас објаснува дека грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“. Во интервјуто за Eуроњуз, Коѕијас открива што се договориле Заев и Ципрас на нивната средба во Давос пред две седмици. „Во Давос се договоривме една работа: дека ќе постои спогодба која по предлог на двајцата премиери ќе ја прави нашата страна, под моја одговорност. Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, одново размислија и овие размислувања, господинот Нимиц сметаше дека се важни. И требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите, објаснува шефот на грчката дипломатија и додава дека за тоа кој е ставот на Атина за прашањето со идентитетот, тоа ќе го соопштат самите во преговорите, а не медијаторот. На прашањето дали и за јазикот и националноста се преговара, шефот на грчката дипломатија, кусо одговара дека за сѐ се преговара. Шефот на грчката дипломатија смета дека во уставните промени би требало да биде вклучено и името. Во однос на тоа дали промените би поминале во македонското собрание, Коѕијас додава дека Заев има доволно мнозинство за да ратификува меѓународен договор, а „уставните промени ќе се направат кога ќе дојде време.“