Руските инвестиции на Балканот се во подем и карактеристично за овој капитал е што е од „валканo“ потекло, а целите не се економски развој туку геопoлитички конфликт и оддалечување на регионот од западната орбита, се вели во најновиот извештај на софискиот Центар за изучување на демократија.
Во организација на американскиот Хелсиншски комитет, Центарот за изучување на демократија на Капитол хил го промовираше извештајот насловен „Оценка на руското економско влијание во Западен Балкан: Осознавање на врските помеѓу валкниот капитал и слабата власт“.
Документот се фокусира на состојбите во Македонија, Црна Гора, Босна и Херецеговина и Србија. Во извештајот исцрпно се обработени информации од отворени извори за руските вложувања на Балканот од почетокот на минатата деценија до денес.
Акцентот е ставен врз енергетскиот сектор, рудници, металургија и инфраструктурни проекти, но и врз невладиниот сектор и црквата. „Преку овие индустриски гранки Москва врши клучно влијание врз партиите, медиумите, политичките и бизнис лидери“, изјави Руслан Стефанов, директор за економска програма во Центарот за изучување на демократија. Во Македонија станува збор за компании на руски државјани со капитал кој доаѓа главно од офшор сметки и даночни раеви. Приходите на руските компании во Македонија се зголемиле од 63 милиони долари во 2006 до 212 милиони долари во 2015, се дознава од извештајот.
„Македонија на Газпром му плаќа едни од највисоките цени за гас во Европа. Додека енергетската зависност на земјата се потпира на Русија со тоа што оваа ја контролира единствената маршрута за природен гас што води до земјата преку Трансбалканскиот цевковод, се вели во извештајот. За Македонија се вели, потребна е независна финансиско-разузнавачка полиција која ќе го следи и анализира приливот на странски капитал.