Владите на Македонија и Грција работат на повторно отворање на граничниот премин „Маркова Нога – Герман“ во Преспа, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Тој рече дека за отворањето на овој премин разговарале премиерите на двете држави на средбата во Давос и оти тоа е еден од чекорите што ќе го направи грчката страна во насока на подобрување на климата во односите меѓу земјите.
„Истовремено и од наша страна и од грчка страна се отворени разговори со ЕК во смисла на финансирање и на овој проект и пошироко на прекуграничната соработка во регионот. Таму имаме и национален парк што ги поврзува и трите држави, Македонија, Грција и Албанија. Очекувам резултати во наредните неколку месеци“, изјави Димитров.
На седницата не учествуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.