САД го објавија „Извештајот Кремљ“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД објавија список на руски граѓани кои можат да се соочат со санкции

Министерството за финансии на Соединетите држави ја издаде долгоочекувана листа на руски државјани кои имаат тесни врски со претседателот Владимир Путин. Станува збор за потенцијални цели за идните санкции на Соединетите држави врз Русија.

Во таканаречениот „Извештај Кремљ“ кој неофицијално се нарекува и „Путинов список“ се вклучени 114 високи руски политички личности и 96 „олигарси“.

Во него се, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, премиерот Дмитри Медведев и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров.

Во извештајот меѓу другите, се наоѓаат и бизнисмените Алишер Усманов, Роман Абрамович, Сулејман Керимов и основачот на Лабораторијата Касперски Евгениј Касперски.

Сепак, администрацијата на претседателот Доналд Трамп го извести Конгресот дека засега нема да наметне нови санкции за Русија.

Официјална Москва во понеделникот соопшти дека новите извештаи за санкциите на САД врз Русија се обид да се влијае врз руските претседателски избори во март годинава.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков оцени дека Русија ги смета за непријателски обид за задушување на изборите, но оти тие нема да влијаат врз изборниот резултат:

„Ние сметаме дека ова е директен и очигледен обид кој ќе се совпадне со изборите со цел да се влијае врз нив. Ние не се согласуваме со ова и сме убедени дека нема да има влијание“.

Американскот извештај е со детали за можностите за проширување на санкциите против Русија, вклучувајќи и листа на олигарси, како и потенцијални ограничувања за одржување на долгот на руската влада.

„Публикувањето на оваа листа самостојно не значи ништо. Знаете дека објавувањето не е почеток на нов бран санкции, па затоа ќе мораме да видиме и анализираме што ќе се случи следно, по објавувањето“.

Москва и Вашингтон остануваат во судир поради наводите на САД за руското мешање на претседателските избори во 2016 година, нешто што Русија го негира, како и поради конфликтите во Украина и Сирија.

Претседателските избори во Русија се закажани за 18 март. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека актуелниот претседател Владимир Путин лесно ќе победи.