Претседателот на најголемата грчка политичка партија Нова демократија, по средбата со грчкиот премиер, ја отфрли можноста да и даде поддршка на Владата за формирање на поширок национален консензус за прашањето со името.
Кирјакос Мицотакис по средбата со Алексис Ципрас, јавува дописникот на МИА од Атина, упати критики за начинот на кој грчката Влада управува со конкретното прашање. Тој рече дека биле направени отстапки без конкретни и неповратни добивки, а Ципрас, наместо да создаде силен национален фронт, на прво место ја ставил партијата и „на овој начин го затвора прозорецот на можност што околностите го понудија да се искористи“.
“Начинот на кој се развиваат преговорите предизвикува сериозна загриженост. Владата веќе направи отстапки без да добие конкретни и неповратни размени за нашата земја. Многу сериозниот пропуст на господинот Ципрас, директно и јавно да го постави прашањето за промена на Уставот на соседната земја, како неопходен предуслов за да постојат какви било преговори, ја ослаби националната линија. Фрагментација на решението на поединечни прашања не може да биде прифатена, затоа што директно ги поткопува интересите на Грција”, рече Мицотакис, пренесува МИА.
Лидерот на опозициската Нова демократија упати остри критики до Ципрас затоа што пред да ги започне разговорите не ги информирал ниту политичките партии, ниту Парламентот, ниту грчкиот народ. Тој оцени дека Ципрас во преговорите влегол без воопшто да обезбеди поддршка од неговиот коалиционен партнер, а најлошо од сѐ, ги поделил Грците.
“Прашањето со Скопје не е само едно прашање во надворешната политика. Се однесува на нашата национална свест, на нашата историја и на крај и на самиот идентитет на Грците. Го повторувам она што го кажав пред неколку дена - нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните”, рече Мицотакис и додаде дека Ципрас решил да чекори сам и му порача сега да не бара алиби или соучесници.
Кусо по изјавата на лидерот на Нова демократија, реагираа од Кабинетот на Ципрас. Велат дека било очекувано оти „Мицотакис ќе го избере полесниот пат на неодговорност“.
“На земјата и е потребна власт решена да го изоди тешкиот пат, да ги одбрани националните интереси, а не лесниот пат кој води до ќор сокак”, коментираат од Кабинетот на Ципрас, по изразениот став на Мицотакис.
Средбата меѓу грчкиот премиер и претседателот на Нова демократија, јавува дописникот на МИА од Атина, траеше 45 минути. Мицотакис си замина без да даде изјава пред премиерската палата. Реши тоа да го стори од неговиот кабинет во грчкиот Парламент.