Иницирани се измени на Законот за минерални суровини од страна на коалицијата предводена од СДСМ со кои ќе се обезбеди заштита на населението и на животната средина во регионите каде има рудници, изјави пратеничката на СДСМ Мери Лазарова.
„Со измените овозможуваме долгорочна заштита на животната средина и спречуваме секаква можност на загрозување на здравјето на луѓето што живеат во близина на рудници, особено ако работат со технологии што користат супстанци штетни за околината и здравјето. Целосно се забранува примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанци при преработка на минералните суровини, хемикалии кои се опасни по живот“, изјави Лазарова.
Таа наведе дека за Предлог-законот Собранието треба да расправа в понеделник и нагласи дека сметаат дека е неопходна длабока и темелна анализа од надлежните институции и од локалната самоуправа пред да одговорат на барањата за концесија и од тие причини законскиот рок за одговор на институциите од досегашните 15 дена се предлага да се продолжи на 60 дена.
„Со тоа ќе се спречат брзи и недоволно анализирани одлуки на надлежните институции и ќе се овозможи транспарентност во постапката со што јавноста ќе има доволен временски период да го искаже своето мислење во однос на барањата на евентуалните концесионери“, рече Лазарова.
Таа рече дека со овие законски измени ќе се спречат ситуации како случаите со концесиите за површински копови за рудници за бакар и злато – Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите процеси користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор, нагласи Лазарова и ги повика сите пратенички групи да ги поддржат овие законски решенија.
Горан Милевски од ЛДП најави дека на 1 февруари како претседател на собраниската Комисија за економски прашања закажал јавна расправа во врска со ефектите од примената на Законот за минерални суровини врз животната средина и економијата.