Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во Собранието

Архива: Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на, како што велат, неуставниот закон за јазиците, соопштуваат од партијата.

Оттаму велат дека инатењето на предлагачите на сила да го истуркаат законот не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија и дека одлуката на Владата да не отвори конструктивна расправа околу законот може да предизвика долгорочни последици по државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните.

„Преку нашето присуство во Парламентот ќе се обидеме уште еднаш да ги убедиме пратениците од парламентарното мнозинство во ризикот од последиците на носење на овој закон, кој не само што излегува надвор од рамките на Уставот и Охридскиот договор, туку ги става во подредена позиција на Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и припадниците на сите останати етнички заедници во Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека сосема непотребно двојазичноста се спроведува на целата територија, дека тоа единствено носи товар за буџетот и од тие причини ВМРО-ДПМНЕ одлучило да учествува во Собраниската расправа и да предложи суштински амандмани за подобрување на законот и отстранување на штетните и неуставни делови.