Пакистан осуди напад на САД со дрон врз мрежата Хакани

Пакистанец на местото каде е извршен нападот со дорн во племенската област Курам. 24.01.2018

Пакистанските власти велат дека во наводен напад со дрон на САД врз куќа во близина на авганистанската граница се убиени двајца милитанти од екстремистичката мрежа Хакани. Шефот на локалната полиција Амер Заман Кан денеска изјави дека нападот се случил во селото Дапа Мамузаи во близина на северозападната племенска област Курам.

Пакистанската канцеларија за надворешни работи го осуди нападот во нивната територија, наведувајќи дека „целта била авганистански бегалец“ во Курам.

„Таквите унилатерални акции, како денешната, се штетни за духот на соработката меѓу двете земји во борбата против тероризмот“, се вели во соопштението.

Нападот доаѓа на неколку денови откако талибански напаѓач изврши напад во луксузен хотел во Кабул убивајќи најмалку 30 лица, вклучително 14 странци.

Пакистан нападите на САД со дронови го смета за нарушување на неговиот суверенитет.

Односите меѓу САД и Исламабад се влошија во изминатите недели, откако САД го осуди Пакистан за обезбедување засолништа на терористи.