Протест против Македонија во Солун

Протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Солун

Протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Солун

Со грчки знамиња и знамиња со сонцето од Вергина, со слогани дека Македонија е грчка и со плакати со пораки „Македонија била е и ќе биде грчка“, „Тргнете ги рацете од Македонија“, „Името е нашата душа“ илјадници Грци се собраа во центарот на Солун на протестот за „одбрана на името“.

Собирот, јавува МИА, започна кусо пред 14 часот по локално време и во тек се обраќања на претставници на здруженијата што се организатори.

Пораката дека Македонија е грчка е во фокусот на сите оние што им се обратија на присутните. Дел од организаторите рекоа дека оној што ќе го даде името Македонија, ќе биде национален предавник.

Протестот го поддржаа и митрополити од Северна Грција, а свое обраќање имаше и солунскиот митрополит Антимос. Тој претходно на литургија во црквата Свети Димитрија во Солун рече дека Македонија е еднакво на Грција и Грција е еднакво на Македонија.

Речиси во исто време со собирот, левичарски и анархистички организации одржуваат контра протест, но одѕивот е многу мал. Пораките што тие ги упатуваат преку нивните плакати се дека тие се „против секаков национализам, наша татковина е целата земја“ и „Ни капка крв за имиња и меѓудржавни конфликти“.

Претходно, според локалните медиуми, се случи мал инцидент, кога анархисти, со шишиња и камења нападнале група демонстранти кои со грчки знамиња се упатувале кон протестот.