Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот оти нема демократски услови и амбиент да учествуваат во работата на Собранието. Тие денеска се вратија во собраниските клупи само за да присуствуваат на обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев изјави дека не може да се вратат во Собранието без да има нормализација на политичкиот дијалог.
Најголемата опозициска партија од средината на декември не учествува во работата на македонското Собрание, откако претходно на шестмина нејзини пратеници им беше определен притвор за случувањата во Парламентот од 27 април минатата година.
Оттогаш тие беа во пратеничките клупи само за редовното годишно обраќање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, и денеска за обраќањето на Столтенберг.