Приклучувањето во НАТО бара напор и заложби, но вратите на НАТО остануваат отворени. Реформите не се лесни, но можат да се спроведат, затоа сите треба конструктивно да работат. Сакаме да бидете дел од НАТО, порача Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата. Тој го пофали Заев за напорите за приклучување кон НАТО и за постигнување на политичка стабилност, особено по настаните минатата година. Тој ги пофали и напорите за изнаоѓање на решение за прашањето за името.
„Дискусиите ја покажуваа вредноста на дијалогот. Договорот за ова прашање е од суштинска важност за вашето членство во НАТО. Реформите кои ги спорведувате се исто така важни“, рече Генералниот секретар на НАТО.
Повторно посочи дека соработката со опозицијата е од особена важност и како што рече ја поттикнува владата да работи со опозицијата.
Премиерот Заев рече дека очекува земјата да стане 30-та земја членка на НАТО.
„Убедени сме дека ги заслужуваме евроатланските перспективи. Сериозно мнозинство од нашите граѓани посакуваат членство во ЕУ и НАТО. Македонија секогаш ќе дава позитивен придонес за сите иницијативи кои ќе донесат подобра соработка во регионот“, рече Заев.
Тој вели дека Владата создава услови за градење национален консензус и со претседателот и опозицијата за завршување на интеграцијата во НАТО. Силно сме посветени на реформи, го зголемивме буџетот на одбраната и тој и понатаму да се зголемува и активно учествуваме во мировните мисии и активно работиме и создаваме амбиент за надминување на проблемот што до има Грција со името на нашата држава“, рече Заев.
Претходно Столтенберг се обрати пред пратениците во Собранието, а имаше средби и со министри и претседатели на политички партии во Македонија.