Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека очекува позитивен исход од претстојниот Самит на НАТО во јули оваа година и изрази благодарност за континуираната поддршка за евро-атланската интеграција на Република Македонија, соопшти македонското МНР.
Димитров нагласи дека посетата на Столтенберг е од круцијално значење за Република Македонија и претставува силно охрабрување за напорите 2018 година да биде историска година за земјата и за регионот.
Во соопштението се додава дека Димитров информирал за проактивниот дипломатски ангажман на Република Македонија за реализирање на надворешно-политичките приоритети - добивање покана за членство во НАТО и датум за почеток на преговорите со ЕУ, а исто така ја потврдил и одлучноста и политичката волја на Владата за навремено и ефикасно реализирање на реформските процеси и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.