Владата ќе ја анализира рамката предложена од Нимиц

медијаторот Метју Нимиц, архивска фотографија

Во ООН се создаваат услови за придвижување напред на процесот за решавање на прашањето за името, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни, се оценува во соопштението од македонската Влада по синоќешната рунда разговори во Њујорк на медијаторот Метју Нимиц со претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис. По внимателна анализа на рамката на Нимиц што ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, од Владата најавуваат дека согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија. „Владата на Република Македонија е посветена на решавање на спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија. Активно се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни, имајќи ги предвид разликите. Остава добар впечаток обновената комуникација, која отвора простор за пријателски пристап и градење обострана доверба“, се наведува во соопштението.