Иванов не го потпишал указот за Законот за употреба на јазиците

Претседателот Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска изјави дека не го потпишал указот за Законот за употреба на јазиците и за тоа писмено го известил и Собранието. Според него, законот бил усвоен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност и без опозиција.

„Не е добро прашања кои се веќе апсолвирани да се отвараат за остварување краткорочни политички поени и на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ“, рече Иванов.

Иванов порача дека закон е донесен со европско знаменце без да постои европска директива за него. Со законот, според него, Македонија ќе стане единствена земја која си поставува услови за членство во ЕУ кои никој не ги бара, при што и барањата на претставници на ЕУ не биле почитувани.

Иванов истакна дека европското знаменце на законот е злоупотребено за тој да се донесе со просто мнозинство, наместо со двотретинско мнозинство. Со законот, како што рече се воведува скап паралелизам во институциите што ќе доведе до нивна блокада и целосна нефункционалност. Во услови на блокада, според него, постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

„Наместо во дух на дијалог и соживот да градиме меѓуетничко општество, преку донесување праведни закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик, затоа имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на законот со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската и пошироката јавноста за неуставноста на овој закон и врз основа на член 75 од Уставот на РМ, донесов одлука да не го потпишувам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците“, порача Иванов.

Иванов писмено го информирал Собранието зошто не го потпишува законот и приложил правно образложение. Тој ги повика пратениците внимателно да ги разгледаат забелешките и им порача дека очекува одговорно да постапат.