За 27 март е одложено судењето за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на незаконското прислушување и за уништување на опрема за прислушување.
Во Кривичниот суд денеска пристигнаа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кои се дел од обвинетите во споениот предмет, но на рочиштето беше кажано дека со новиот распоред за работа на судиите предметот и се доделува на судијката Џенета Бектовиќ која до 27 март треба да го проучи предметот и доказниот материјал.
Во предметот обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски кои се во притвор во Грција, како и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски. Предметите „Таргет“ и „Тврдина“ беа споени поради нивната поврзаност.
Според обвиненијата на СЈО преку три системи за следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.