Владата има цврста намера да ја вклучи опозицијата во процесот на решавање на спорот со името, тоа и е должност, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Според него, доколку нема услови за одржување средби на државно-политичкиот врв ќе има обиди за директни контакти. Важно е, како што рече, да се види дали опозицијата ќе има сила да го сподели товарот.
Во однос на македонскиот преговарач за името Васко Наумовски, кој беше именуван од претходната влада, Димитров рече дека досега не видел сигнал дека Наумовски излегува надвор од таа позиција специјален пратеник.
Шефот на дипломатијата посочи дека во однос на големите прашања, како што е прашањето за името за Македонците, припадниците на сите етнички заедници во земјата мора да најдат начин како да се држат заедно.
„Многу е значајно и нашите сограѓани етнички Албанци да имаат разбирање за ова бидејќи и нив не им е во интерес да бидеме исфрустрирано онеправдани и државата да биде надвор. Важно е во рамки на Владата да се споделуваат информации и заедно да се градат ставови. Најубаво е да имаме еден став барем за најкрупните работи, така ќе бидеме посилни“, вели Димитров.