Македонија издаде еврообврзница од 500 милиони евра

Министерот за финансии на РМ Драган Тевдовски

Македонија вчера ја издаде шестата еврообврзница со каматна стапка од 2,75 отсто, соопшти Министерството за финансии. Еврообврзницата е 500 милиони евра со рок на достасување од седум години.

„Ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за која било од македонските еврообврзници како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975 отсто и 9,875 проценти“, наведува Министерството.

Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од евро-обврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, соопшти Министерството за финансии.