Инсенераторот за горење медицински отпад во депонијата Дрисла, кој пред повеќе од 16 години како хуманитарна помош и бил доделен на Македонија од страна на британската Влада, а кој ги прекршува стандардите на ЕУ, се уште е во употреба во депонијата, потврдуваат за Макфакс од Град Скопје и од Министерството за животна средина.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат оти се свесни дека инсинераторот не ги исполнува стандардите кои се очекуваат, наведувајќи дека е планирано да се постави нов, но оти не се знае кога тоа ќе се случи, а од Град Скопје велат дека очекуваат по Одлуката на Уставниот суд да се затворат прашањата околу понатамошното стопанисување со депонијата па потоа да се реши прашањето околу набавка на нов инсинератор согласно еколошките стандарди.
Коментарите доаѓаат откако денеска на социјалните мрежи загрижени граѓани за квалитетот на воздухот во Скопје масовно споделуваа текст на британскиот весник „Гардијан“ напишан во 2001 година насловен „Велика Британија со токсичен подарок за Балканот“, во кој се вели дека инсинераторот и бил доделен на Македонија од страна на британската Влада и би бил нелегален во Британија, а доколку Македонија се приклучи во ЕУ, инсинераторот ќе мора да се отстрани бидејќи е опасност за локалните жители и ги прекршува стандардите на ЕУ.