СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговрност и да се вклучи во реформите

Седиштето на СДСМ.

Целосно се неосновани тврдењата дека нема демократски услови за функционирање на Собранието, соопшти денеска СДСМ во реакција на денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во работата на законодавниот дом.

Од СДСМ велат дека со промените по изборот на новата влада се започнати процеси за Собранието да биде „вистински храм на демократијата и да работи исклучиво во интерес на сите граѓани“, наведувајќи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да даде придонес во тие демократски процеси, а не да ги блокира.

Од владејачката партија наведуваат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси што се врвен државен и национален интерес.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешна прес-конференција пред Собранието истакна дека пратеничката група на партијата нема да учествува во работата на Собранието и дека власта треба да избере помеѓу реформите и просперитетот од една страна и политичкиот прогон и неистомислениците од друга страна.