Зголемен број на летови на аеродромите во Скопје и Охрид

Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.

Над два милиони патници патувале преку скопскиот и охридскиот аеродром во минатата 2017 година, што преставува пораст од 13 проценти во однос на 2016 година, додека вкупниот број на летови на двата аеродрома е зголемен за седум проценти, соопшти денеска концесионерот на аеродромите во Скопје и Охрид, ТАВ Македонија.

Според податоците, најфреквентни дестинации од скопскиот аеродром минатата година биле Истанбул, Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон, а најголем број патници има превезено компанијата „Виз-ер“ со 59 проценти пазарен удел. Најфреквентен ден на аеродромот бил 7 август, како резултат на УЕФА Супер купот, кога над осум илјади патници биле превезени со 98 летови.