Програмскиот совет на Македонската Радио-телевизија на последната седница пред новогодишните празници ја разрешил досегашната претседателка Снежана Клинчарова, а на нејзино место ја избрал Смилка Јанеска-Саркањац, соопшти денеска Здружението на новинари на Македонија.
Во него се наведува и дека професорката на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Јанеска-Саркањац е член на Советот предложена од интеруниверзитетската конференција.
“По изборот на Саркањац, досегашната претседателка Клинчарова во знак на револт усмено најавила оставка од членството во Програмскиот совет” наведуваат од ЗНМ.
На истата седница бил разрешен и досегашниот заменик претседател на Советот Агим Лека, а на негово место бил избран членот на Советот предложен од ЗНМ, главниот и одговорен уредник на дневниот весник Коха, Ведат Мемедалиу.