Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Зоран Караџовски на денешната прес -конференција рече дека ќе се залагаат за зголемување на платите на судиите и судските работници , бидејќи како што додаде, платите на судиите изминативе две години се на најниско ниво во Европа.
Првиот човек на Судскиот совет смета дека лично има кредибилитет да ги спроведува реформите во правосудството предвидени со Стратегијата за реформи на Министерството за правда.
Според него критиките за работата на Судскиот совет од меѓународните организации се однесуваат само на периодот пред 2014 година, пред тој да биде избран во септември 2014 година за член на Советот.
"Не сум во романтична врска со власта", рече Караџоски, на денешната прес конференција.
Караџовски на прес-конференцијата го критикуваше изборот на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во Собранието, и ги поздрави јавно изнесените критики од скопски адвокат, кој рече дека изборот бил незаконски со кршење на процедурата во Собранието.
Инаку пред неколку месеци Синдикатот на УПОЗ побара неотповиклива оставка од претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, бидејќи, според нив, тој е еден од главните виновници за лошата финансиска состојба во која се наоѓаат вработените во судовите.