Грчката Влада поддржува и преговара за сложено име за сите употреби, она што Грција го презентираше како позиција во Букурешт и ние сме за тоа да има согласност од сите партии и политички сили на земјата, изјави денеска грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по завршувањето на мини министерскиот состанок во премиерската палата во Атина, кој според грчките медиуми вонредно го закажа грчкиот премиер Алексис Ципрас за прашањето за името.
Коѕиас исто така рече дека верува оти оваа година ќе се решат прашањата во грчката надворешна политика.
Коалициониот партнер во грчката Влада Панос Каменос изјави дека останува на позицијата дека се уште е во сила одлуката од лидерската средба во Грција во 1992 година и оти смета дека преговорите треба да продолжат. Тој рече дека има доверба во грчкиот министер за надворешни работи, но и дека преговорите ќе бидат тешки кога ќе дојде време, бидејќи како што истакна, „политичките сили ќе треба да го формулираат конечното национално решение.“