Македонскиот премиер Зоран Заев синоќа со автомобил, преку граничниот премин Богородица, пристигна во Солун. Во рамките на неговата приватна посета, по покана на градоначалникот на Солун, Заев и Јанис Бутарис, како што јави дописникот на МИА,имаа заедничка вечера во познат солунски ресторан.
"Солун прекрасен како и секогаш, пријателски град од соседна Грција. На заедничка вечера со градоначалникот Бутарис разговараме за нештата кои нé поврзуваат, во позитивна атмосфера. Му се заблагодарив на гостопримството и ги споделивме очекувањата за успешна 2018 година", напиша македонскиот премиер на неговиот твитер профил, објавувајќи фотографија од вечерата со Бутарис.
Приватната посета на Солун на македонскиот премиер предизвика голем интерес кај грчките nовинари кои го чекаа македонскиот премиер пред солунскиот ресторан.
"Ова е приватна посета. Среќна Нова година, им изјави Заев на грчките новинари", пренесува МИА.
Јанис Бутарис потенцираше дека посетата е приватна и нема да стане збор за политички прашања, ниту, пак, за спорот со името.