Собранието на Република Македонија едногласно со 61 глас „за“ и без расправа ги донесе измените на Законот за Судскиот совет, по скратена постапка.
Целта на измените е да се префрли надлежноста што досега ја имаше Советот за утврдување на факти при утврдувањето на одговорноста на судиите на Судскиот совет што произлезе од сите досегашни препораки од Венецијанската комисија и извештаите на Прибе.
Согласно препораките, оваа надлежност припаѓа на Судскиот совет, а не на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за одговорност на судија, поради што се предлага и негово укинување по скратена постапка. Поради поврзаност на двете преостанати точки на дневниот ред со донесените измени и неопходноста прво да се објават во Службен весник претседателот на Собранието ја прекина седницата.