Украинската влада соопшти дека предала 238 затворени сепаратисти и оти за возврат биле ослободени 74 украински затвореници.
Меѓу затворениците предадени на Украина биле и таканаречните „киборг“ војници.
Ова е прекарот што Украинците им го дадоа на војниците кои го бранеа аеродромот во Доњецк во една од најинтензивните битки на конфликтот во 2014 година.
Еден од нив Олександр Хороми изјави:
„Јас и мојот колега поминавме една и пол година во една ќелија од метар и половина без ништо, без пратки, ништо. По некое време тие почнаа да ни дозволуваат да ни доаѓаат некои пакети. Како да бевме кучиња“.
Ослободените украински затвореници од градот Бакхмут во Доњецк со хеликоптери беа префрлени на меѓународниот аеродром во Киев каде што беа пречекани од украинскиот претседател Петро Порошенко:
„Ние ќе ги направиме сите наши најголеми напори, максимумот, во извлекувањето на нашите најмили, роднини, нашите најблиски, што е можно поскоро. Ова е многу важно“.
Еден од ослободените Олексеј, кој две години и два месеца беше во затвор, на аеродромот во Киев изјави дека се уште не може да поверува во она што му се случува:
„Не можам да поверувам. Во исто време можам и не можам да верувам дека изутрината сè уште бевме таму, а сега сме дома. Сакам да им кажам благодарам на сите роднини и на сите кои учествуваа во нашето ослободување и сакам да кажам дека наши момци се уште се таму и тие треба да бидат спасени“.
Се очекува во идната година да бидат разменети повеќе затвореници.
Според украинската безбедносна служба, во рацете на бунтовниците инало уште стотина украински затвореници.
При сегашната размена посредуваше поглаварот на Руската православна црква патријархот Кирил.
Досега немаше реакција на властите во Москва, кои Украина и нејзините западни сојузници ја обвинуваат за поддршка на проруските сепаратисти, обвинение што Москва го негира.
Во судирите во источна Украина од април 2014 година загинале над 10 илјади луѓе.
И натаму скоро секојдневно има жртви и покрај договорот за прекин на огнот во 2015 година.