Младите демократии се на удар од авторитарните светски сили, кои својата големина и моќ ја користат остро да наметнат поделби и манипулации за самопозиционирање повисоко на геополитичкото скалило. Македонија, нејзините соседи од Западен Балкан, Полска, Словачка, како и Аргентина, Перу и други млади демократски режими се соочуваат со стратегијата „остра моќ“ на Русија и Кина. Оваа состојба ја истражуваа аналитичари од Националнара фондацијата за демократија (National Endowment for Democracy).
Според истражувањето, Кина и Русија трошат милијарди долари за да го обликуваат јавното мислење и перцепциите ширум светот. Овие активности, креаторите на политики, експертите и новинарите ги гледаат преку таканаречената „мека моќ“.
Зборувајќи дека во изминатиот период се создаде јаз меѓу Западен Балкан и Европската унија, кога се почувствуваа техниките на Русија и Кина, извршната директорка на Европскиот фонд за Балканот, Хедвиг Морваи констатира измени во руското присуство во регионот.
„Не е само Русија како фактор, тука значајно влијание има и Турција, арапските земји кои во финансиска и економска смисла се присутни, па и Кина, која доста инвестира и гледа како стратегиски да се позицириона во овој регион. Кога станува збор за Русија, мое гледиште е дека Русија повеќе едноставно го попречувалa процесот, а сега тоа е еден сериозен пристап, а може дури и да прекине кога регионот ќе покаже искрено и суштинско приближување кон ЕУ. Мислам дека во овој момент Русија јасно дава до знаење, за разлика од минатото кога јасно изјавуваа дека поддржуваат евроатлантска интеграции на земјите од Западен Балкан, сега нема такви афирмативни изјави, туку сè повеќе нивното влијание и мека моќ се шири и чувствува преку руските медиуми и пораки и преку соработка со цивилниот сектор, со што се создава ново руско присуство во регионот што претходно не постоело“, изјави Морваи.
Меѓутоа, од Фондацијата не се согласуваат дека станува збор за„мека моќ“. Според нивните анализи, обидот на Пекинг и Москва да влијаат врз иницијативите во сферите на медиумите, културата, тинк - тенкови и академијата не е ниту „офанзивен шарм“ ниту обид за „освојување на срцата и умовите“, што е карактеристична рамка за „мека моќ“. Ова авторитарно влијание не се однесува на атракција или дури и убедување. Наместо тоа, се фокусира врз одвраќање и манипулација.
Ние имаме потреба од нов речник за овој феномен, констатираат аналитичарите. Она што досега го сфаќавме како авторитарна „мека моќ“ е подобро категоризирана како „остра моќ“ која продира, пробива или перфорира политички и информативни средини во целните земји. Техники на „остри моќ“ на репресивните режими треба да се гледаат како врв на нивниот нож - или, всушност, како нивниот шприц.
Русија вешто ги искористува поделбите
Русија е особено вешта во искористувањето на поделбите кај демократските народи. Според извештајот, можеби најобработената руска алатка за влијание е меѓународното ширење на државните медиуми. Сите напори на Русија во медиумите, академската заедница, културата и политичката заедница имаат тенденција да промовираат конкретни политички наративи кои ги унапредуваат интересите на Кремљ.
Во Полска и Словачка, општа цел е да се поттикне и засили каква било домашна опозиција кон Европската унија и НАТО. Меѓутоа, за да се постигне ова во секоја земја, рускиот режим прифаќа прилагоден пристап. Во Словачка тоа се базира врз словачкиот идентитет на населението, тврдејќи дека Русија и Словачка ги делат истите вредности и дека оние што се поврзани со Западна Европа и САД се туѓи на словaчката историја и култура. Во Полска, каде што идејата за братски врски со Русија носи многу помала тежина, Кремљ ги поддржува иницијативите кои ја истакнуваат потребата да ги бранат сопствените „традиционални вредности“ на Полјаците од либералните идеи прифатени од остатокот од Европа. Слична состојба е во Македонија, каде Русија апелираше до ЕУ и САД да не се мешаат во македонската криза, поддржувајќи го наративот дека тие негативно влијаат во Македонија.
Според извештајот и Русија и Кина на различен начин ја афирмираат својата позиција на Балканот, а и пошироко.
Русија дестабилизира, Кина манипулира
„Мислам дека во тонот и обликот што го користат, Русија и Кина се разликуваат. Русија на пример настојува да подели и дестабилизира со своите активности, Кина пак, има тенденција да убеди во она што би можело да се нарече отворена цензура и манипулација. На пример, спречување да се зборува на одредени теми во медиумите или државните медиуми кои ги користат или преку своите алатки настојуваат да наметнат пристап кон одредени прашања. Но, нашиот заклучок е дека во двата случаи, и Русија и Кина преферираат државна контрола над слободата и цензура врз слободното изразување, што е во линија со начинот на кој функционираат домашните системи на владеење во овие земји“, објасни Кристофер Вокер, потпретседател на Фондацијата.
Според експертите, руските напори за влијание со „остра моќ“, со новата кандидатура на актуелниот руски претседател Владимир Путин, нема да паузираат ниту да се намалат особено. Целта на „остра моќ“, објаснуваат аналитичарите во извештајот на Фондацијата, е Кина и Русија да навлезат во демократските системи за да ја зајакнат соработката и да ја неутрализираат критиката спрема нивните авторитарни режими.
Јасна Атанасова