Прагот на алармирање за концентрации од над 200 микрограми ПМ10 честички на метар кубен е надминат во Скопје и во Тетово, а Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информациите за алармантно загадување ги достави до останатите надлежни институции, со што стапуваат на сила следните мерки и препораки согласно одлуката на Владата од минатиот месец, информираат од МЖСПП.
Според препораките сите правни субјекти треба да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан инфаркт или мозочен удар без разлика на возраста, како и сите работодавци да го реорганизираат работното време на отворено од 11.00 до 17.00 часот.
Исто се препорачаува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се иобезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Државните служби треба да ја намалат употребата на службени возила на 50 проценти. Министерството за труд и социјална политика треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Државниот инспекторат за животна средина треба да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух со акредитирана лабораторија, со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух, велат од МЖСПП.