ВМРО-ДПМНЕ го започнува новиот поход кон победата, кон новата победа и враќањето на власт во Република Македонија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на Конгресот на кој се избира негов наследник.
„Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го имаше цели 11 години, во кои успешно и со огромен напредок ја движеше Македонија, со бројни успеси резултати. Тоа е она што народот повторно ни го даде на последните парламентарни избори со победата над СДСМ пред една година, но за жал месец и половина подоцна ни беше неправично одземено, и беше погазена вољата на народот”, рече Груевски.
Груевски рече дека жали што конгресот се случува во вакви емотивни и невообичаени околности кога партијата е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од неговите членови. Додаде дека и во 2003 година кога станал претседателна партијата, најблиските соработници му се налутиле.
„Мојот долгогодишен соработник и еден од најбрилијантните умови на македонската политичка сцена, Мартин Протоѓер, кој освен што добро ги познава сите задкулисни игри од тој почетен период, уште подобро ги знае истите такви од последниот период, и особено последните неколку месеци, пред некој ден ми кажа како на некој пријател му рекол за мене, цитирам: човекот го започна мандатот во партијата со нож во грб, и го завршува со нож во грб. Го корегирав, и му реков, дека не е во право, и дека, го завршувам не со еден, туку со повеќе, и не ножеви, туку ножиња во грб“, изјави Груевски.
Во својот долг говор пред делегатите Груевски ги набројуваше сите успеси во изминатите години додека тој раководеше со владејачката коалиција.