Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот Фејбук профил во врска со отвореното писмо од група членови на ВМРО-ДПМНЕ со кое се бара одложување на конгресот, истакнува дека само на седница на Централниот комитет може да се одлучува за било какви забелешки и евентуални предлози за промена на веќе донесената одлука.
"За се во врска со било какви забелешки и за евентуални предлози за промени на веќе изгласаната одлука може да се одлучува само на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе има седница пред одржување на конгресот. На истата седница на ЦК, секој ќе може да изнесе свои аргументи и предлози токму пред партиското тело кое ги носи најважните одлуки од овој тип", вели Груевски.
Додава дека одлуката за одржување на конгрес се носи со најмалку две третини од бројот на членовите на ЦК и оти евентуалната промена на одлуката може да се носи само со двотретинско мнозинство.
Напоменува дека одлуките за одржување на вонредниот конгрес и за бројот на делегати се донесени едногласно и оти ниту еден член на Централниот комитет не дал никаква забелешка и не предложил колективно претседателство.
За барањето да се назначи колективно претседателство до одржување на конгресот во февруари, Груевски посочува дека за тоа се потребни неколку услови и чекори меѓу кои и промена на Статутот на партијата со кој би се овозможило колективно раководство и одржување на посебен конгрес на којшто би се назначило колективното раководство.