Европската унија на Македонија и додели помош од 72,3 милиони евра за поддршка на демократијата и владеењето на правото и за зајакнување на економскиот раст и развој на земјата, се наведува во соопштението на Европската комисија (ЕК).
ЕК на 29 ноември усвои Програма за активности на Република Македонија за 2017 година, а на 30 ноември беше потпишан финансиски договор меѓу ЕУ и Владата за имплементација на годишната ИПА програма за 2016 година.
Клучни приоритети остануваат контролата на границите и миграциската политика, поефикасна борба против тероризмот и организираниот криминал, а посебно внимание ќе биде посветено на превенцијата од радикализам и насилен екстремизам, се вели во соопштението.
„ЕУ подеднакво ќе ја поддржи и ќе ја поттикне реформата на јавната администрација, особено во делот на унапредување на транспарентноста и борбата против корупцијата, како и развој на електронски услуги за граѓаните чија цел е заштеда на времето, напорите и парите.“