Поостра политика на Трамп кон Кина

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп со нова политика кон Кина

Претседателот Доналд Трамп денеска ќе ја изложи новата стратегија за национална безбедност на САД, врз основа на неговата политика „Америка на прво место“. Тој, меѓу другото, според извори во Белата куќа, ќе оцени дека Кина е „конкурент“.

Помалку од два месеца по неговата многу очекувана посета на Кина, американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја претстави новата стратегија за национална безбедност, базирана врз неговата политика „Америка на прво место“.

Новинските агенции, повикувајќи се на извори во Белата куќа, јавуваат дека Трамп се очекува да го означи Пекинг како конкурент и да го обвини за „економска агресија“.

Двајца високи официјални претставници на Соединетите држави за медиумите изјавија дека на денешниот говор на Трамп не треба да се гледа како на обид да се заузда Кина, туку како на јасен преглед на предизвиците што доаѓаат од таа земја.

Трамп го фалеше својот кинески колега Си Џинпинг, барајќи од Пекинг да стави поголем притисок врз Северна Кореја и да ги промени трговските практики, за кои тој вели дека се неповолни за Соединетите држави.

Деновиве советникот за национална безбедност на Трамп, Ејч Ар Мекмастер, изјави дека стратегијата ќе се фокусира врз проектирање на американската воена и економска сила во прекуокеанските земји, особено врз Кина и Русија и нуклеарните закани од Иран и Северна Кореја.

„На многу начини, отстапивме многу конкурентен простор во последниве години и создадовме можности за овие ревизионистички сили“, рече Мекмастер.

Дел од критичарите пак, изразуваат загриженост дека поагресивниот пристап кон Кина би можело да води до штетна трговска војна со таа земја.

„Новата национална стратегија всушност е почеток на серија економски мерки против Кина“, смета Мајкл Ален, поранешен член на администрацијата на претседателот Џорџ Буш за весникот „Фајненшал тајмс“.

Безбедносната стратегија е официјален документ што го прават американските претседатели од времето на претседателот Роналд Реган, најесто на четири години.

Според некои наводи, Трамп ќе заземе и спротивен став од неговиот претходник Барак Обама дека климатските промени претставуваат закана за националната безбедност.

Официјални претставници велат дека во денешниот говор претседателот Трамп како свои надворешно-политички приоритети, ќе ги претстави: зголемувањето на американската војска, соочувањето со исламистички милитанти и преструктуирањето на трговските односи, со цел Соединетите држави да бидат поконкурентни.