И покрај пораките дека новата Влада ќе биде транспарентна, Советот за реформи во правосудството работи многу нетранспарентно, изјави директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска наведувајќи дека Академијата воопшто не била вклучена во Нацрт стратегијата за реформи во судството.
Таа посочи дека во Нацрт стратегијата било предвидено одреден процент од судиите да бидат избрани со незавршена Академија, истакнувајќи дека тоа не било прифатено во извештајот на Прибе од 14 септември кога е донесена новата Стратегија.
Според Арнаудовска останува сомнително што ќе биде со изборот на судиите и дали ќе остане процентот кој бил заговаран во Стратегијата за реформи бидејќи, како што рече, минатата недела во Брисел претставник од Министерството за правда изјавил дека се подготвуваат измени во Законот за судови, а дека процентот за избор на академци и луѓе надвор од Академијата ќе биде 60 наспрема 40.